Според најавите од ЕУ, еден од критериумите за висината на средствата од новата
ИПА-програма за 2014-2020 година ќе биде и стапката на искористеност на парите
од претходната програма за 2007-2013 година, што значи дека Србија, Косово и Црна
Гора ќе имаат можност да извлечат повеќе пари од ЕУ во наредниот шестгодишен
период, со оглед на тоа што во изминативе години искористија повеќе пари отколку
Македонија и Бих.
Македонија и Босна и Херцеговина драстично заостануваат во однос на искористеноста
на парите од ИПА-фондовите во периодот 2007-2012 година, покажува последниот
годишен извештај на Европската комисија за финансиската помош наменета за
проширувањето на Европската Унија. Во овој период стапката на исплатени средства
од европските фондови во Македонија изнесува 35,9 отсто, а во БиХ 36 отсто и е многу
помала во однос на Србија, Црна Гора и на Косово, каде што процентот на исплатени пари од ИПА е над 50 отсто. Со половина милијарда евра потрошени пари од ИПА-фондовите во периодот 2007-2012 година Србија е рекордер во однос на земјите од регионот рангирани по вредноста на проектите за кои веќе се исплатни пари од европските фондови. Според најавите од ЕУ, еден од критериумите за висината на средствата од новата ИПА-програма за 2014-2020 година ќе биде и стапката на искористеност на парите од претходната програма за 2007-2013 година, што значи дека Србија, Косово и Црна Гора ќе имаат можност да извлечат повеќе пари од ЕУ во наредниот шестгодишен период. За периодот од 2014 до 2020 година земјите од Западен Балкан и Турција имаат на располагање 11,6 милијарди евра од европските фондови, што е одредено зголемување во однос на буџетот од 2007 до 2013 година, кога на располагање беа 11,4 милијарди евра.
Македонија изминатиов период имаше на располагање средства преку петте компоненти од ИПА: за помош во период на транзиција и институционална надградба, за прекугранична соработка, за регионален развој, за развој на човечки ресурси и за рурален развој. Во анализата на Институтот за европска политика, во која, за разлика од извештајот на ЕУ што се однесува на податоци заклучно со 2012 година, се вклучени и договорените и реализирани проекти преку ИПА во Македонија и во 2013 година се вели дека искористеноста на европските пари во изминативе шест години се движи помеѓу 7 отсто во компонентата за рурален развој до 57 отсто во компонентата за прекугранична соработка. Според математиката на институтот, во периодот 2007-2013 година Македонија преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА) имала на располагање 615 милиони евра, од кои искористила само 183 милиони евра. Една од главните причини за неискористеноста на европските пари се ниските административни капацитети, кои Европската комисија ги истакнува и во својот последен извештај за напредокот за 2013 година...(link)